Големо олеснување за Баварците: Компани пуштен дома по колабирањето на тренинг!

Тренерот на Баерн Минхен, Венсан Компани е пуштен од болница, потврди неговиот помошник Арон Денкс, само пет дена откако колабира за време на тренинг.

Инцидентот се случи минатиот петок, додека го следеше тренингот на резервниот тим на клубот. Информацијата за неговата состојба Денкс ја соопшти по синоќешната убедлива победа на Баварците против Магдебург (6-1) во Купот на Германија.

„Тоа е, секако, многу позитивен чекор на неговиот пат кон закрепнување. Сега се враќа дома, ќе биде поблиску до своето семејство и домашниот комфор, но се уште е многу важно да се одмара и да се опоравува“, изјави Денкс.

Тој истакна дека во моментов не постои временска рамка за враќање на белгискиот стручњак на клупата.

„Нема одредена временска рамка, ништо не ми е кажано за тоа. Нашите лекари ќе продолжат тесно да соработуваат со Венсан, а тој ќе ни се приклучи во вистинскиот момент, кога ќе биде целосно здрав и подготвен за тоа. Со нетрпение го очекуваме тој ден“, додаде помошникот.

Денкс откри и дека неколку дена немал директен разговор со Компани, нагласувајќи дека здравјето е на прво место.

„Неговото здравје ни е приоритет број еден и за нас тој се уште е во фаза на опоравување. Сакаме целосно да се опорави, а потоа да ни се приклучи“, рече тој.

Компани, на кого му беше дијагностициран менингитис, не беше на клупата ниту на првенствениот натпревар во неделата, кога Баерн го совлада Фрајбург (3-1). Следен предизвик за Баварците е големото дерби против Борусија Дортмунд в сабота.