Сензација во Полска: Четвртолигаш го исфрли првакот од Купот – го понижи 17-годишен голман!

Фудбалерите на полскиот четвртолигаш Сиарка Тарнобжег направија огромна сензација во националниот Куп, откако на домашен терен го елиминираа актуелниот шампион Лех Познањ (1-0).

Погодокот за големиот триумф го постигна Аркадиуш Касија во 64. минута, со што продолжи неверојатната низа на нисколигашот, кој во претходното коло веќе елиминираше уште еден прволигаш, екипата на Заглебје Лубин. Работата на домашниот состав му беше дополнително олеснета во судиското продолжение од првото полувреме, кога гостите останаа со играч помалку поради исклучувањето на Јаник Агнеро. Елиминацијата претставува болно приземјување за полскиот првак, кој пред само шест дена ремизираше против англискиот премиерлигаш Сандерленд (1-1) во Лига Европа, а во неделата забележа важна победа над Легија Варшава со која се искачи на врвот во Екстракласата.

Иако натпреварот беше закажан во необичен ран термин од 12:30 часот среде работна недела, тоа не ги спречи домашните навивачи целосно да го исполнат Градскиот стадион за да го поддржат клубот кој своите најдобри денови ги имаше во деведесеттите години, кога мина три сезони во елитното натпреварување. Посветеноста на публиката најдобро беше опишана преку истакнатиот транспарент на трибините на кој пишуваше дека годишниот одмор, бегањето од училиште и земањето боледување се исплатливи бидејќи доаѓањето на полскиот Куп е задолжително. Апсолутен херој во победничкиот табор беше 17-годишниот голман Томаш Питлак, кој воопшто не беше импресиониран од противникот и истакна дека гостите ги потцениле.

„Не знам што им поминуваше низ главата на играчите на Лех, но претпоставувам дека повеќето од нив не ни знаеја како воопшто изгледа Тарнобжег. Мислам дека малку нè потценија и не очекуваа дека поседуваме ваков квалитет. Трема? Не, всушност вчера го гледав првото полувреме од натпреварот помеѓу Пјаст Гливице и Горник Забже, но тоа беше ужасно здодевен натпревар. Малку задремав, па рано заминав в кревет“, изјави младиот чувар на мрежата за телевизијата ТВП Спорт.