Ако Вардар е во право, Тиквеш ќе го извлече најдебелиот крај – елиминација, минус бодови и парична казна!

Вардар попладнево, многу брзо по завршувањето на мечот со Тиквеш, кога заработи елеминација од Купот со пораз дома од 1-3, поднесе жалба до ФФМ за неправилен настап на еден од фудбалерите на кавадаречкиот клуб.

Според пропозициите на Натпреварувачката комисија на ФФМ, ако жалбата на Вардар биде прифатена, Тиквеш ќе загуби со службен резултат 3-0, и тогаш кавадарчани ќе одат во аут од најмасовното македонско фудбалско натпреварување.

Згора на ова, Тиквеш навистина би можел да го извлече најдебелиот крај, затоа потоа, според дисциплинскиот правилник на Федерацијата, му следи казна одземање на бодови во првенството (од минус три до минус девет), што би значело огромен удар за амбициите на екипата која сезонава цели на висок пласман.

Кавадарчани во минатото имаа слични пропусти во работата, откако во април беа фатени дека четворица нивни младински играчи настапиле под туѓи имиња на мечот од Суперлигата против Скопје, користејќи невалидни или туѓи легитимации, додека некои дури ни не знаеле кого претставуваат.

Тогаш, под притисок од официјалните лица, тие самите признале дека не се фудбалерите кои се наведени во записникот.

И скандалот не застана тука – уште двајца играчи воопшто немале спортски легитимации. И наместо да се соочат со последиците, гостинската екипа решила да го напушти натпреварот и да се повлече во соблекувалната, одбивајќи да продолжи со играта.

Поради овој сериозен прекршок, Дисциплинската комисија на ФФМ тогаш им изрече благи санкции - на младинскиот тим на Тиквеш му беа одземени три бода од првенствената табела, клубот беше парично казнет со износ од 1.000 евра, а службениот претставник на клубот на тој натпревар, Трајче Димитриев, заработи забрана за вршење на функцијата во времетраење од 18 месеци.