Бизарна ситуација во азиската ЛШ: Противникот на Роналдо немал како да допатува во Ријад
Натпреварот требаше да се одигра денеска во Ријад, но тимот од Дубаи се откажа од патувањето до саудиската престолнина поради проблеми со транспортот, пред сè поради недостигот на летови.
Поради тоа, натпреварот не можеше да се одигра според планираното, па АФЦ одлучи да го одложи, иако имаше можност да им наложи на фудбалерите на Ал-Васл да пронајдат алтернативни начини за превоз.
„Новиот датум и времето на почеток на натпреварот ќе бидат потврдени и објавени во наредниот период“, се наведува во соопштението на АФЦ.
Така, Роналдо остана без можноста уште денеска да го постигне 983. гол во кариерата и да се приближи уште еден чекор до својата цел од 1.000 голови.
Нова можност да го подобри својот голгетерски учинок ќе има веќе во четврток, кога Ал-Наср го пречекува Ал-Холуд во 12. коло од саудиското првенство.