Чупиќ: Навивачите заслужуваат да победиме за нив во последниот меч во ЛШ!

Ракометарите на Вардар в среда (18.45 часот) во спортскиот центар „Јане Сандански“ германскиот состав Мелсунген ќе го одиграат својот последен натпревар сезонава во Лигата на шампиони.

По неодамнешниот триумф на гостувањето кај Нант, „црвено-црните“ посакуваат победничко збогување со елитното натпреварување, иако за тимот предводен од Роберто Парондо бодовите во Скопје се апсолутно неопходни за задржување на шансите за пласман во ТОП 12 фазата. Тренерот на вардарци, Иван Чупиќ, изрази жалење што екипата ги завршува настапите во ЛШ, истакнувајќи дека иако биле конкурентни со сите, сепак не покажале доволно за прогрес во следната рунда.

Фактот што скопскиот состав нема резултатски императив нема да промени ништо во подготовките, бидејќи главниот фокус е да им се приреди победа на навивачите за нивната голема поддршка на претходните средби. Евентуалниот триумф над бундеслигашот треба да претставува јасна порака дека тимот не се откажува и дека салата повторно ќе биде неосвоива тврдина за претстојните предизвици во Лигата на Европа, Регионалната лига и натпреварите од домашното првенство.

„Кога играш за Вардар мора секогаш да победуваш, важно ми дека имаме тим кој е амбициозен, кој сака да се подобрува, кој сака да се натпреварува со сите. Но, фактот што сме четврти од четири екипи, значи дека не сме биле подобри од другите три. Може ние да се жалиме, да ја бараме причината, но табелата го покажува тоа“, изјави тренерот Чупиќ.

Овој дуел служи и како последен тест пред паузата за ЕХФ неделата, по која следува големото дерби во Суперлигата против Пелистер, поради што стручниот штаб бара итно влегување во победнички ритам.

„Не очекува уште еден меч од ЛШ, за жал тоа е последен натпревар за нас во ова натпреварување. Мелсунген доаѓа тука да си избори место за главната фаза. Ние по два порази во „Јане Сандански“ сакаме да победиме и да им подариме на навивачите триумф. Тие не бодреа максимално, сакаме да им се оддолжиме на нашите навивачи и да им кажеме да не се откажуваат од нас дека имаме уште цела сезона пред нас и во Лига Европа и во македонската лига. Ќе зборувам и со играчите дека мора да го прекинеме негативниот низ во Јане Сандански и да им се оддолжиме на навивачите. Би сакал сега да сме под притисок, победата да не носеше во главната фаза но тоа е што е. Скапо ја продадовме кожата во ЛШ, пруживме отпор на сите. Подобро ќе ми беше ако сега подготвував натпревар за пласман понатаму отколку вака“, заврши хрватскиот стратег.