Пелистер против вицешампионот се израдува на втора победа

Кошаркарите на Пелистер ја забележаа втората победа во домашната Суперлига, откако на свој терен славеа против актуелниот вицешампион Скопје со 101-94, во натпревар исполнет со многу поени и неизвесна завршница.

Гостите од Скопје подобро го отворија дуелот и ја добија првата четвртина со 19-26, но Пелистер постепено ја топеше негативата и успеа да се врати во игра. Битолчани во продолжението го подигнаа нивото на игра, па во драматичниот финиш успеаја да стигнат до значајна победа.

Завршните минути донесоа вистинска резултатска неизвесност. Миловановиќ беше во одличен шутерски ритам и погоди три тројки во финишот, со што Скопје остана во игра за позитивен резултат. Сепак, Пелистер имаше одговор во клучните моменти, а кога шутот не одеше според планот, домашните кошаркари се потпреа на офанзивниот скок.

Кочовиќ и Димитриев беа меѓу играчите кои презедоа одговорност во последната минута, реализирајќи важни поени за потврда на триумфот на битолскиот состав.

Кочовиќ, кој пристигна во Битола пред десетина дена, повторно беше најдобар стрелец на Пелистер со 31 поен и уште еднаш покажа дека ќе биде значајно засилување за тимот. На спротивната страна, одличен натпревар одигра центарот Паркер, кој средбата ја заврши со 25 поени и 11 скокови, но неговиот учинок не беше доволен Скопје да избегне пораз.