Јокиќ удри по навивачите на Денвер: Престанете да доаѓате – не ни требате (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер Нагетс ноќеска надополнија огромна негатива и го совладаа тимот на Њу Орлеанс (141-135) по продолжение, по што првата ѕвезда на тимот, Никола Јокиќ, испрати остра порака до навивачите кои прерано ја отпишаа екипата.

Српскиот центар заедно со Џамал Мареј беа главните креатори на спектакуларниот пресврт во последната четвртина и во дополнителните пет минути, но големиот триумф остана во сенка на незадоволството на трикратниот МВП од реакцијата на домашната публика во текот на мечот.

Бледата партија на тимот и на самиот Јокиќ на отворањето на сезоната против Оклахома, надоврзана со многу лошите први три четвртини против Пеликанс, предизвикаа револт во двораната. Незадоволните навивачи ги испратија кошаркарите на пауза со гласни свирежи, потег кој воопшто не му се допадна на српскиот интернационалец. По завршувањето на натпреварот, тој без никакво воздржување им порача на критичарите повеќе да не се појавуваат на трибините.

„Мислам дека овие навивачи кои нè критикуваа не би требало повеќе да доаѓаат на натпреварите. Оние кои навиваат за нас знаат дека ние никогаш не се предаваме“, изјави Јокиќ.