ФФМ: Сите три гола на дербито се правилно поништени
Дуелот заврши без голови, но во центарот на вниманието се најдоа три поништени погодоци – еден на Шкендија и два на Вардар. Сите ситуации беа проверувани поради сомнеж за офсајд, а според официјалното соопштение на ФФМ, судиските одлуки биле во целосна согласност со Правилата на фудбалската игра и ВАР-протоколот.
Од Федерацијата посочуваат дека спорните моменти се случиле во 30. минута, кога Шкендија постигнала гол, како и во 89. и 93. минута, кога Вардар двапати ја затресол противничката мрежа. Во сите три случаи, по проверката и повлекувањето на офсајд-линиите, било утврдено дека имало недозволена позиција.
„Дерби натпреварот меѓу Шкендија и Вардар беше одлично суден, со правилни одлуки во сите предизвикувачки ситуации“, се наведува во соопштението на ФФМ.
Федерацијата ја истакнува и добрата координација меѓу судиите на теренот и нивните колеги во ВАР-собата, нагласувајќи дека во трите клучни ситуации биле применети правилата на идентичен и доследен начин.
Од ФФМ дополнително порачуваат дека оценувањето на судиските одлуки треба да се темели на фактите, правилата и конкретните ситуации од натпреварот, а не на различните интерпретации што се појавија по дербито.