Вардар по одмазда кај Шкендија за поразот во Скопје, но и за - ужасната провокација!

Денешната пресметка помеѓу Шкендија и Вардар (14 часот), која ќе се одигра во Гостивар, буди огромен интерес во јавноста, не само поради големиот ривалитет помеѓу двата тима туку и поради завчерашната ужасна провокација на тетовци на социјалните мрежи.

Предводниците на составот од Тетово имаа објава на социјалните мрежи во која не само што го претставија противникот како миленик на ВАР, а со тоа и на ФФМ, туку и со илустрација на наопаку завртен крст ги навредија сите христијани во државата (види ТУКА). Шкендија во момент е лидер на табелата со три бода предност пред најтрофејниот македонски клуб, кој освен желбата за спортска одмазда за провокацијата има желба да се реваншира за поразот во Скопје на стартот од првенството (0-2).

Во пресрет на натпреварот, раководството на тетовци, најверојатно да ја смири тензијата по навредата на Фејсбук, упати апел до своите фанови за фер и коректно навивање и воздржување од секакви провокации, потенцирајќи дека за овој дуел трибините ќе бидат ограничени на точно 1.500 гледачи, колку што изнесува целосниот капацитет на седиштата.

Претходно, со почеток точно на пладне, екипата на Струга го пречекува составот на Скопје, дуел во кој влегуваат како огромни фаворит, со оглед на перфектниот домашен учинок од пет победи на пет натпревари со гол-разлика 15-0. Гостите од Скопје, пак, сè уште ја бараат својата прва победа сезонава. И покрај големата бодовна и статистичка разлика, од таборот на домашните се претпазливи и најавуваат дека нема да го потценат противникот, особено по искуството од августовската пресметка во главниот град која заврши без победник со резултат 1-1.