Хајдук ја доби казната од УЕФА: Пољуд мора да биде празен на наредниот меч!

Хрватски Хајдук ја доби казната од УЕФА за случувањата на натпреварот против Ајакс (2-1) одигран минатиот четврток на стадионот „Пољуд“, во рамките на првото коло од Конференциската лига.

Поради прекинот на натпреварот предизвикан од употребата на пиротехнички средства, УЕФА му изрече казна на хрватскиот клуб со затворање на целиот стадион за натпреварот од четвртото коло против Синт-Тројденсе, па така тимот од Сплит овој дуел ќе мора да го одигра без поддршка од навивачите. Покрај затворањето на стадионот клубот ќе плати и парична казна од 80.000 евра. 

Дополнително, поради непроодните скали на трибините, Хајдук е казнет со уште 16.000 евра.

Клубот доби и условна казна. Во случај на повторување на исти или слични инциденти предизвикани од употреба на пиротехнички средства, целиот стадион ќе биде затворен и за некој од следните европски натпревари.

По добивањето на одлуката, Хајдук упати порака до своите навивачи да се воздржат од несакано однесување на следните европски натпревари и на домашен терен и на гостувањата, со цел да се избегне штета за клубот.