Шампионот во проблеми, Барса без клучни играчи го пречекува Реал Мадрид!

Офанзивниот фудбалер за врска на Барселона, Дани Олмо, ќе го пропушти претстојното дерби „Ел Класико“ против Реал Мадрид откако заработи повреда на мускулот на левата нога.

Шпанскиот репрезентативец се повреди синоќа за време на натпреварот од ЛШ против екипата на ПСЖ, кој каталонскиот гигант го загуби на гостувањето во Париз (2-4). Олмо мораше предвреме да го напушти теренот уште во 27. минута од натпреварот, отстапувајќи му го своето место на Фермин Лопез. Како што пренесува познатиот спортски новинар Фабрицио Романо, во редовите на актуелниот шампион на Шпанија стравуваат дека повредата е од посериозен карактер и дека одличниот фудбалер ќе мора да паузира сè до крајот на ноемвриската репрезентативна пауза наменета за натпреварите од Лигата на нации.

Големото дерби помеѓу Барселона и Реал Мадрид од 10. коло од шпанската Ла Лига, е на програмата в недела со почеток во 21 часот на стадионот „Камп Ноу“. Проблемите за стручниот штаб на каталонскиот состав се дотолку поголеми бидејќи тимот ќе биде дополнително ослабен за оваа клучна пресметка. Од претходно е познато дека поради повреди, неделното дерби ќе го прескокнат и двајцата десни бекови, Ерик Гарсија и Жил Кунде.