ПСЖ скапо ја плати победата над Барса, најлошо помина Кварацкелија

Во ПСЖ стравуваат од најлошото по повредата на Квича Кварацкелија на дуелот со Барселона. Според француските медиуми, постои сомнеж за скинати предни вкрстени лигаменти на десното колено, што би можело да значи повеќемесечна пауза за грузискиот ас.

Грузискиот репрезентативец се повреди во второто полувреме, при дуел со младиот дефанзивец на Барселона, Чави Еспарт. Во обид да ја освои топката, Кварацкелија незгодно го сврте десното колено и веднаш падна на тревникот, жалејќи се на силна болка.

Сцените беа загрижувачки. Крилниот напаѓач не можеше да се потпре на повредената нога, па мораше да добие помош од медицинскиот тим при напуштањето на теренот. Луис Енрике беше принуден да го замени, а наместо него во игра влезе Сени Мајулу. Според информациите на Лекип, на кои се повикуваат и други европски медиуми, првичните процени не се охрабрувачки. Во таборот на ПСЖ постојат сериозни стравувања дека станува збор за скинати предни вкрстени лигаменти, но конечната дијагноза сè уште не е потврдена.

Магнетната резонанца треба да го покаже вистинскиот степен на повредата. Доколку се потврдат најлошите прогнози, Кварацкелија би можел да отсуствува неколку месеци, па дури и да го пропушти остатокот од сезоната. Тоа би бил огромен удар за Луис Енрике, бидејќи Грузиецот е еден од најважните офанзивни адути на францускиот тим и играч кој со својата брзина, дриблинг и креативност прави голема разлика во нападот.

Дополнителен проблем за ПСЖ е што на истиот натпревар се повредија и Усман Дембеле и капитенот Маркињос. Така, победата над Барселона од 4-2 може да се покаже како исклучително скапа за актуелниот европски шампион.