Најмалерозниот кошаркар во НБА ја скина тетивата – крај на сезоната пред таа на почне!

Кошаркарот на Сакраменто Кингс, Бен Симонс, тешко се повреди и ја заврши НБА сезоната и тоа на два дена пред нејзиниот официјален почеток.

Како што пренесува познатиот новинар Шамс Чаранија, Американецот ја скинал Ахиловата тетива за време на неделниот тренинг со својата екипа. По деталните медицински прегледи и снимките од магнетната резонанца, најцрните сценарија беа потврдени, со што големото враќање на Симонс на паркетот е одложено на неодредено време.

Оваа вест претставува огромен шок за раководството и стручниот штаб на Сакраменто Кингс, кои беа одушевени од неговите настапи и залагањето за време на подготвителниот период. Во текот на претсезоната, Симонс одигра два натпревари за „кралевите“, бележејќи просечен учинок од 10,5 поени за 17,5 минути поминати на паркетот. По официјалната потврда за тежината на повредата, кошаркарот се огласи преку своите профили на социјалните мрежи, испраќајќи порака дека нема намера да се предаде и покрај тешкиот удар.

„И порано сум се соочувал со предизвици кои ме тестирале ментално, физички и емотивно, но секој пат наоѓав начин да ги надминам. Оваа повреда е само уште едно поглавје на мојот пат, а не крај на мојата приказна“, напиша Симонс во своето соопштение.

За талентираниот кошаркар ова ќе биде трета целосно пропуштена сезона по 2016/17 и 2025/26, како потврда дека е еден од најмалеризните во историјата на НБА со повеќе од 300 натпревари на кои не настапил поради здравствени проблеми.