Падна договор во Минхен: Хари Кејн уште долго ќе го носи дресот на Баерн Минхен!

Англискиот репрезентативец, Хари Кејн, и раководството на Баерн Минхен постигнаа усна согласност за продолжување на меѓусебната соработка и тоа до летото 2029 година, пренесува угледниот британски весник „Тајмс“.

Германскиот гигант му понудил на својот голгетер да ја задржи досегашната плата од околу 400.000 фунти неделно, што на годишно ниво изнесува приближно 21,1 милиони фунти. Преговорите помеѓу двете страни биле иницирани по враќањето на Кејн во Минхен по настапот на СП 2026. Првичната желба на англискиот репрезентативец била да потпише нов договор со важност до 2030 година, со цел да продолжи да настапува на највисоко ниво до следниот Мундијал, но од таборот на Баерн преферирале нешто пократок рок, по што бил усогласен договорот до 2029 година.

Во меѓувреме, Кејн се наоѓа меѓу главните претенденти за освојување на престижната „Златна топка“. Доколку стигне до ова големо индивидуално признание, тој ќе стане само петтиот Англичанец во историјата со оваа награда и првиот по Мајкл Овен, кој ја доби престижната статуетка во веќе далечната 2001 година.