Посмешен и побавно изведен пенал не бил изведен во историјата на фудбалот (ВИДЕО)

Крилото на јамајканскиот тим Маунт Плезант, Трејвон Рид, се најде во центарот на вниманието на светската спортска јавност, но не поради добрата игра, туку поради исклучително необичниот начин на изведување на удар од белата точка.

Тој на натпреварот против Клуб Сандо во рамките на Карипскиот куп одигран во средата вечерта, делуваше како да трча во забавена снимка додека ѝ приоѓаше на топката, потег кој на крајот го направи - смешен.

„Инцидентот“ се случи во 35. минута од средбата, во моменти кога составот од Јамајка веќе имаше предност благодарение на погодокот на Ворнер Браун. Откако еден од противничките фудбалери играше со рака во сопствениот шеснаесетник, главниот судија досуди пенал. Сепак, бизарниот и екстремно бавен залет скапо го чинеше Рид, кој не успеа да упати доволно силен удар. Тој ја испрати топката слабо и ниско, речиси право во голманот на Клуб Сандо. Чуварот на мрежата без поголеми проблеми го одбрани неговиот обид, оставајќи ја екипата од Тринидад и Тобаго во игра.

Снимката од овој несекојдневен и несигурен обид на Рид набрзо стана вирална на социјалната мрежа „Икс“, предизвикувајќи лавина од потсмев меѓу љубителите на фудбалот ширум светот кои не штедеа зборови за неговиот потег.

„Што е ова?“, се запраша еден навивач, додека друг кратко прокоментира: „Се откажувам.“

Трет љубител на фудбалот отиде чекор подалеку, сугерирајќи дека Рид, по угледот на тинејџерот на Арсенал, Макс Дауман, би можел со овој потег да заслужи место во Гинисовата книга на рекорди.

„Ова е сигурно најдолгото изведување пенал некогаш. Потврдете ми го тоа, Гинис“, напиша навивачот, означувајќи го официјалниот налог на организацијата.