Јунајтед го казни Мартинез - Аргентинецот се извини за критиките кон раководството!

Раководството на Манчестер Јунајтед финансиски го казни Лисандро Мартинез поради неговиот неодамнешен испад и јавните критики кон клупската управа.

По изречената санкција, аргентинскиот дефанзивец одржал состанок со тренерот Мајкл Керик и челниците на клубот за да ја разјасни ситуацијата и да се извини за своите постапки. Клубот со ова смета дека овој случај е затворен и дека екипата сега може целосно да се фокусира на претстојните предизвици. Инцидентот настана по поразот на Јунајтед од Атлетико Мадрид во ЛШ, што беше четврти неуспех за „црвените ѓаволи“ во првите девет натпревари од новата сезона. Мартинез отворено го критикуваше спортскиот директор Џејсон Вилкокс поради недоволните вложувања во играчкиот кадар, потенцирајќи дека тимот нема доволен квалитет за европската елита и покрај тоа што клубот потроши околу 200 милиони евра во летниот преоден рок.

Застанувајќи во одбрана на тренерот Керик, тој побара одговорност од повисоките инстанци.

„Тренерот го дава својот максимум. Не можете постојано да го менувате, менувате и менувате тренерот. А што е со останатите сектори на клубот? Вечерва е лесно да се обвини тренерот, лесно е да се обвинат играчите, но мораме да ги погледнеме и другите делови од клубот. Очекував повеќе од директорот и 100 отсто поголеми вложувања во засилувања. Очекував ова лето поголеми инвестиции во нови играчи. Сто отсто. Очекував повеќе од нашиот директор. Морам да бидам искрен, ние како играчи мораме да пружиме повеќе, но исто така е важно да се направи силен тим кој може да биде подготвен за вакви натпревари“, истакна Мартинез во својата првична изјава.

Само еден ден по контроверзните коментари, откако страстите се смирија, аргентинскиот репрезентативец се огласи со ново, исцрпно соопштение во кое појасни дека неговата фрустрација произлегува исклучиво од огромната желба Манчестер Јунајтед повторно да биде конкурентен во битката за најголемите трофеи.