АТП подготвува големи реформи во тенисот: Промени во рангирањето и 350 милиони долари за играчите!
Според најавите, вкупниот годишен надомест за играчите би можел да достигне 350 милиони долари, без наградните фондови од четирите гренд-слем турнири. АТП планира и зголемување на бонус-фондот од 21,5 на 50 милиони долари, како и дополнителна финансиска поддршка за тенисерите кои сезоната ќе ја завршат меѓу најдобрите 250 на светската ранг-листа.
Предвидени се и околу 30 милиони долари годишно за пензиски програми за играчите, со што организацијата сака да им обезбеди поголема финансиска сигурност и на оние кои не заработуваат милиони од награди и спонзорства. Промени се најавуваат и во системот на бодување, при што настапите на најголемите турнири би добиле поголема тежина. АТП сака да создаде поодржлив календар, кој ќе им овозможи на тенисерите подобро да го планираат одморот и да го намалат ризикот од повреди.
Реформите би можеле да ја опфатат и конкуренцијата во двојки, каде што се разгледуваат промени во форматот и распределбата на средствата.
Сепак, засега станува збор за предлози кои треба да поминат низ дополнителни консултации и одобрување. Доколку бидат усвоени, реформите од 2028 година би можеле значително да го променат професионалниот тенис, со поголема финансиска поддршка за играчите и подобро организиран календар.