МЗТ се врати по минус 15, ама прими луда тројка на крајот и - загуби од Тарту (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа и вториот по ред пораз во новата сезона во ФИБА Еврокупот, откако загубија во вечерашната пресметка на домашен терен против естонскиот тим Тарту (95-92).

Аеродромци не најдоа адекватен одговор на брзата и пред се колективна игра на гостинскиот тим, кој ја казнуваше секоја грешка на сино-белите. Македонскиот првак имаше само едно водство и тоа со 4-3, по што гостите направија пресврт и со највисоки плус осум (35-27) во првото полувреме го одржуваа водството до пред самиот крај. „Металците“ со серија 9-2 во финишот од вториот период дојдоа до изедначување (39-39) кое донесе мала надеж кај навивачите на МЗТ, која многу брзо згасна. Тарту вратија со серија 9-1 за ново повисоко водство (49-41), кое на почетокот од последната четвртина беше зголемено и до плус 15 (77-62).

Избраниците на тренерот Васко Атанасов најмногу блеснаа во финишот од средбата, кога со 13 поени во низа дојдоа до изедначување во последната минута од средбата (92-92). Но, во следниот напад Мартин Пасоја погоди храбра тројка преку човек, која се покажа клучна за победа на гостинот од Естонија.

Димитрије Николиќ со 22 поени и девет скока беше најдобар кај сино-белите, а веднаш зад него беа Ноа Фарахан со 18 поени и Тадија Тадиќ со 15 поени. Кеит Палек со 21 поен и девет скока беше најпрецизен кај Тарту.

Следен европски предизвик за МЗТ Скопје гостувањето кај германски Вурзбург, во меч закажан за 20 октомври.