Звучи чудно, но бројките не лажат: Ходар е најдобар дебитант во историјата на тенисот!

Рафаел Ходар кој е најмладиот тенисер меѓу првите 20 на светот, а до неодамна и единствениот тинејџер во светскиот врв стана најдобриот дебитант во историјата на професионалниот тенис.

Станува збор за периодот од 1968 година, кога започна Опен ерата. За периодот пред тоа нема достапни податоци. Шпанецот во својата прва година на АТП-турнејата забележа дури 40 победи, а сезоната сè уште не е завршена. Ходар неодамна го прослави својот 20. роденден и веќе се наоѓа на 13. место на светската ранг-листа. Една од главните причини за неговото историско достигнување, покрај квалитетот, се крие и во фактот што подоцна се приклучи на професионалната тениска сцена.

За разлика од повеќето млади тенисери, кои уште како јуниори се обидуваат да се пробијат во врвниот тенис, Шпанецот одлучи најпрво да замине на колеџ. Кога таму сфатил дека поседува квалитет за нешто повеќе, се префрлил на највисокото ниво на конкуренција и направи полн погодок.

Токму затоа најголемите тенисери во историјата не се на врвот на оваа листа. Новак Ѓоковиќ во својата дебитантска сезона забележал само две победи, но тогаш имал само 17 години. Истото важи и за останатите великани. Тие многу помлади започнувале со професионалните предизвици, но на крајот им се исплатело.

Доколку Ходар не беше толку високо рангиран, можеби ќе можевме да кажеме дека неговиот успех нема голема тежина. Затоа што кога ќе ги погледнеме најуспешните дебитанти, единствено Ричард Крајичек од петте најдобри остварил навистина голем успех и го освоил Вимблдон. Сите останати имаа повеќе или помалку скромни кариери.

Сепак, постои уште еден податок што покажува дека Ходар има причина да се надева на блескава кариера. Со своите 40 победи, тој се наоѓа меѓу осумте најуспешни тенисери во оваа сезона.