Ѓоковиќ падна три места по поразот од Хуркач, испадна од Топ 10 и му се комплицира патот до Торино

Новак Ѓоковиќ доживеа тежок удар на Мастерс-турнирот во Шангај. По неочекуваниот пораз од Хуберт Хуркач во второто коло, српскиот тенисер не само што го заврши настапот многу порано од очекуваното, туку и остана без место меѓу десетте најдобри тенисери на светот.

Ѓоковиќ загуби со 4-6 и 3-6 од полскиот тенисер со што претрпе елиминација на турнирот на кој четири пати го освојувал титулата. Поразот е уште понеочекуван ако се знае дека Србинот ги доби првите осум меѓусебни дуели со Хуркач, кој дури од деветтиот обид успеа да го совлада еден од најдобрите тенисери во историјата.

Но, последиците од неуспехот во Шангај се чувствуваат и на АТП листата. Ѓоковиќ падна три позиции на ранкингот во живо и сега се наоѓа на 11. место, со 3.090 поени според тековниот поредок. Причината е и тоа што минатата година во Шангај стигна до полуфиналето, па сега загуби значителен број бодови поради послабиот резултат. Ова е особено непријатен развој на настаните за српскиот ас, кој само неколку дена претходно го освои турнирот во Пекинг и ја запиша 102. титула во кариерата. По одличниот настап во кинеската престолнина, се очекуваше да продолжи во ист ритам, но во Шангај не успеа да го повтори нивото на игра.

Покрај падот на АТП-листата, поразот ја усложнува и неговата борба за настап на завршниот Мастерс во Торино. Во годишната трка за АТП-финалето Ѓоковиќ е на деветтата позиција со 2.840 поени, надвор од местата што водат на турнирот на осумте најдобри во сезоната.

До крајот на годината остануваат уште важни турнири, меѓу кои и Мастерсот во Париз, каде што Ѓоковиќ ќе мора да оствари силен резултат за да ги зголеми шансите за пласман во Торино. Конкуренцијата е сериозна, а неговите ривали сè уште имаат можност да освојуваат бодови и да ја подобруваат својата позиција. Интересно е тоа што дополнително може да панде на АТП листата во случај на забележителен резултат на Фриц кој заостанува 250 бода.