Емотивен крах на Лука Дончиќ: Не можам повеќе да живеам вака!
Тој по уште една импресивна сезона во дресот на ЛА Лејкерс со просек од 33,5 поени, 7,7 скока и 8,3 асистенции по натпревар, призна дека приватните проблеми го оптоварувале многу повеќе отколку што можело да се забележи на паркетот. Приватниот живот на еден од најдобрите кошаркари на денешницата се најде во центарот на јавноста кон крајот на минатата година, кога се појавија првите извештаи за нарушениот однос со тогашната свршеница Анамарија Голтес.
Дончиќ и Голтес ја раскинаа свршувачката во март годинава, а прашањата околу децата остануваат главен фокус во нивната семејна ситуација. Разделбата му паднала исклучително тешко, што го потврди и во разговорот со новинарот Крис Меникс.
„Не ги видов речиси цела сезона и не би можел да поднесам уште една таква сезона. Сакаш да минуваш време со своите деца секој ден. Затоа минатата сезона ми беше многу тешка. Ги видов само четири или пет дена во целата сезона. Тоа е невозможно. Но, и покрај сè, морав да се фокусирам на кошарката“, изјави Дончиќ.
На прашањето дали ситуацијата во меѓувреме е решена, Словенецот одговори крајно внимателно, оставајќи простор за надеж дека претстојниот период ќе донесе позитивни промени.
„Се надевам. Сè уште не знаеме, но се надевам. Не можам да поминам низ уште една сезона на тој начин“, порача Дончиќ.
За да се опушти од стресот надвор од кошаркарските терени, Дончиќ откри дека во последно време пронашол ново хоби играјќи голф. Што се однесува до професионалните обврски и очекувањата за новата сезона со Лејкерси, тој е оптимист и верува во квалитетот и длабочината на екипата.
„Мислам дека имаме многу широк состав, што е исклучително важно, особено кога ќе дојдат натпреварите од плеј-офот. Имаме играчи кои од никого не се плашат. Против некои од новите играчи веќе имам играно и знам дека не се плашат“, заклучи словенечкиот кошаркар.