„Никола Јокиќ не е број еден во НБА – јас сум најдобар кошаркар во светот!“

Новата сезона во НБА лигата е пред самиот почеток, а атмосферата веќе се загрева, откако кошаркарот на Оклахома сити тандерс и двоен МВП, Шеј Гилџес-Александер, јасно порача дека се смета себеси за најдобар играч во најсилната кошаркарска лига, а со тоа и на целиот свет.

Ваквиот став на Канаѓанецот сигурно ќе послужи како дополнителен мотив за неговите ривали на паркетот, вклучувајќи го и Никола Јокиќ. Тој својата огромна самодоверба ја истакна во интервју за престижниот магазин „Тајм“, нагласувајќи ја својата ефикасност и победничкиот менталитет кој го гради изминативе години.

„Мислам дека сум најдобар кошаркар во НБА лигата. Мислам дека она што го прикажувам од вечер во вечер е учинок на тој што е број еден. Мислам дека ефикасноста со која го правам тоа е на ниво на најдобриот играч во лигата. Мислам дека секој што ќе земе кошаркарска, фудбалска топка, топка за американски фудбал или тениско топче, го прави тоа за да го победи ривалот, во меч, што и да е во прашање. А јас во претходните неколку години победував многу“, изјави Гилџес-Александер.

Канаѓанецот зад себе остави брилијантна сезона во која одигра 68 натпревари со просек од 31,1 поен, 4,3 скока и 6,6 асистенции. Неговата ефикасност беше потврдена и преку одличните проценти на реализација – 55,3 отсто удар од игра, 38,6 отсто за три поени и 87,9 отсто од линијата за слободни фрлања. Овој учинок му ја донесе втората МВП награда по ред, оставајќи ги зад себе Виктор Вембанјама и Никола Јокиќ, пред сè поради подобриот тимски пласман на Оклахома во однос на Сан Антонио и Денвер.

Од друга страна, за Јокиќ постоеше дебата дека му било „забрането“ да освои трета МВП круна по ред поради наводната заситеност кај гледачите од неговите индивидуални признанија. Српскиот центар одигра 65 натпревари минатата сезона бележејќи просек од 27,7 поени, 12,9 скока и 10,7 асистенции, но неговата втора последователна сезона со трипл-дабл просек на крајот остана без највисокото индивидуално признание.

ФОТО: nba.com