Вардар не успеа да ја изненади фаворизираната Висла Плоцк и во Скопје на свој терен загуби со 34-26.

Гостите од самиот почеток беа подобриот тим на теренот, а посебно доминираа со физичката сила, Вардар се обидуваше, но тешко се спротиставуваше. Првата посериозна разлика полскиот состав ја направи кога поведе со 11-5.

Но, избраниците на Чупиќ одиграа одлично во вториот дел од првите 30 минути успеаја таа негатива да ја намалат на само два гола. Висла на одмор замина со водство од 15-13.

Тие минути се покажаа и како најдобрите на Вардар во овој дуел затоа што гостите во второто полувреме многу брзо повторно побегнаа на пет гола. До крајот дојдоа и до највисоките „плус осум“ на десетина минути пред крајот кога стануваше јасно дека македонскиот шампион ќе мора да се помири со третиот пораз. Во продолжение гостите само рутински го приведоа натпреварот до крајот и не дозволија Вардар резултатски да се доближи.

За вардарци не помогна ниту фантастичниот Матео Фаудил кој постигна 14 гола од исто толку обиди. Сепак недостасуваа голови и од останатите, Малус застана на четири, додека Да Силва и Абделхак имаа по три. На спротивната страна најефикасен беше Бјер Фредерик со 11 погодоци.

На голот на Вардар, Гогов собра пет одбрани и Валах четири. Вардар во четвртото коло повторно игра против Висла на 14 октомври, но на гостински терен. Во вториот натпревар од оваа група Мелсуген го победи Нант со 28-23, па така сите три екипи се со по четири бода, додека Вардар е без бодови.