Блокиран трансферот на Карвахал: Ла Лига не верува дека ќе игра за 400.000 евра годишно!
Причината е несекојдневна, Ла Лига го блокирала трансферот бидејќи понудената плата била проценета како премногу ниска.
Карвахал и Хетафе ги усогласиле сите детали, а според договорот, 34-годишниот фудбалер требало да заработува 400.000 евра годишно. Сепак, пред официјализацијата на соработката, во случајот се вмешале финансиските експерти на Ла Лига, кои не го одобриле договорот.
Според нивната проценка, сумата која Хетафе му ја понудил на Карвахал не соодветствува на неговиот статус и претходните примања. Шпанските медиуми наведуваат дека искусниот дефанзивец во Реал Мадрид до неодамна заработувал околу 10 милиони евра годишно.
Карвахал минатото лето го напушти Реал Мадрид по повеќе од една деценија во клубот. За „кралскиот клуб“ одигра 451 натпревар, постигна 14 гола и запиша 66 асистенции.
Со Реал освои дури 27 трофеи, меѓу кои шест титули во Лигата на шампионите и четири во Ла Лига. И покрај богата кариера и трофејна колекција, Карвахал во моментов е без клуб, откако пропадна договорот со Хетафе.