Мурињо немоќен да го смири хаосот во Реал - пак се степале фудбалери
Шпанскиот новинар Антон Меана, кој ги следи случувањата околу „кралскиот клуб“, тврди дека португалскиот стратег не успеал да ја промени динамиката во тимот и да ги смири тензиите кои постоеја и во претходниот период.
„Единствениот проблем е што соблекувалната ја гледам исто толку студена како и пред пет месеци“, изјави Меана во емисијата „Ел Ларгуеро“ на „Кадена СЕР“.
Според неговите информации, ситуацијата во тимот е далеку од идеална, а наводно повторно дошло и до физички конфликт меѓу двајца фудбалери на тренинг. Меана не ги откри имињата на играчите, но тврди дека проблемите во соблекувалната не се надминати ниту со доаѓањето на Мурињо.
Ова е особено интересно ако се знае дека Реал Мадрид и минатата сезона имаше сериозни проблеми во односите меѓу дел од играчите. Претходно беа објавени информации за конфликт меѓу Федерико Валверде и Орелиен Чуамени, како и за тензии во кои биле вклучени и други фудбалери.
Во целата приказна дополнителен проблем претставува и Килијан Мбапе.
Французинот се најде во центарот на вниманието откако поради повреда го напушти репрезентативниот камп, а потоа беше забележан во слободни активности додека се опоравуваше. Неговото однесување предизвика критики во шпанската јавност, а според дел од медиумите, Мурињо разговарал со напаѓачот по неговото враќање во Мадрид. Сепак, околу односот меѓу Мурињо и Мбапе постојат различни информации. „АС“ тврди дека односот меѓу тренерот и напаѓачот е добар и дека Мбапе имал дозвола од клубот и тренерот за неколкудневен одмор според однапред договорен план за опоравување.
Сето ова доаѓа во незгоден момент за Реал Мадрид. „Кралевите“ ги очекува исклучително тежок октомври со натпревари против Виљареал, Севилја, Рома и Барселона, а според шпанските медиуми, клубот мора што побрзо да ја стабилизира атмосферата во тимот. Мурињо беше ангажиран токму со задача да внесе дисциплина и да ја врати контролата во соблекувалната.