Ни лајк, ни коментар: Португалските фудбалери тотално го игнорираа соопштението на Роналдо
Португалскиот „А Бола“ го забележува целосното отсуство на реакции од репрезентативците на објавата на Роналдо, оценувајќи дека молкот од соблекувалната е особено впечатлив во момент кога неговото соопштение предизвика огромно внимание низ целиот свет.
Роналдо на Инстаграм и Фејсбук ја објави својата верзија за конфликтот со селекторот Жорже Жезус и за причините поради кои го напушти репрезентативниот камп. Во шестстраничното соопштение тој им се извини на навивачите и соиграчите, но истовремено го обвини селекторот дека не го испочитувал претходниот договор за неговата улога во репрезентацијата. Објавата експлодираше на социјалните мрежи. Според „А Бола“, на Инстаграм таа надминала 18 милиони лајкови и 62.000 коментари, додека на Фејсбук има околу 1,5 милиони реакции и уште околу 62.000 коментари.
Но, меѓу португалските репрезентативци – штама.
Ниту еден играч, според анализата на „А Бола“, не оставил лајк или коментар на објавата на капитенот. Португалскиот медиум смета дека тоа може да биде знак дека соиграчите внимателно се дистанцираат од конфликтот меѓу Роналдо, Фудбалската федерација на Португалија и Жорже Жезус. Дополнителна тежина на ситуацијата ѝ дава фактот што самиот Роналдо во своето соопштение потврди дека сака да продолжи да игра за Португалија, откако ќе ја одлежи евентуалната суспензија. Сепак, неговиот услов е да биде во физичка и натпреварувачка форма, додека спорот со Жезус останува отворен.
Жезус, од своја страна, реши да не ја продолжува јавната полемика. Тој потврди дека го прочитал соопштението на Роналдо, но порача дека продолжува со работата во Федерацијата и со подготовките на репрезентацијата. Токму затоа, молкот на соиграчите дополнително го храни впечатокот дека во португалската репрезентација ситуацијата е далеку од расчистена. Дали станува збор за свесно дистанцирање или само за избегнување на дополнителна полемика – засега нема официјален одговор од фудбалерите.