Ла Лига му го блокира трансферот на Карвахал - платата му била нереална
Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид веќе го поминал лекарскиот преглед и постоел договор со Гетафе, но клубот не доби зелено светло за регистрација на играчот. Според шпанските медиуми, причината е начинот на кој Ла Лига ја проценува вредноста на неговиот договор.
Карвахал, кој од 30 јуни е слободен играч по истекот на договорот со Реал Мадрид, наводно прифатил значително помала плата за да остане во Мадрид и да ја продолжи кариерата во Гетафе.
Токму тука настанал проблемот.
Според информациите објавени од „Кадена СЕР“, договорот предвидувал годишна заработка од околу 400.000 евра, што е далеку под сумата што Карвахал ја заработуваше во Реал Мадрид. Економската контрола на Ла Лига, пак, смета дека за фудбалер со неговиот статус, кариера и претходни примања не може едноставно да се пријави толку ниска плата. Место да ја земе само сумата договорена меѓу фудбалерот и клубот, комисијата која ја спроведува економската проценка може да одреди повисока вредност која ќе се смета во лимитот на трошоците за составот. Иста беше ситуацијата во 2021 година кога Меси требаше да го продолжи договорот со Барселона за минимална плата бидејќи и тогаш Ла Лига сметаше дека тоа не е реално.
Според „Мундо Депортиво“, клубот веќе го надминал својот лимит за трошоци за составот и затоа не може едноставно да го регистрира Карвахал со која било плата. Весникот посочува дека правилата на Ла Лига предвидуваат проценка на платата врз основа на повеќе фактори – меѓу нив возраста на фудбалерот, неговата пазарна вредност, претходните договори и други елементи поврзани со трансферот. Така, трансферот кој изгледаше практично завршен во вторникот, само 24 часа подоцна се најде во неизвесност.
Карвахал во Реал Мадрид го мина најголемиот дел од кариерата и освои 27 трофеи, меѓу кои шест титули во Лигата на шампионите. Гетафе му понуди можност да остане во Мадрид и да продолжи да игра во најсилната шпанска лига, но строгите финансиски правила засега се најголемата пречка.