Вардар во третиот обид ќе се обиде да стигне до првата победа во Лигата на шампионите
„Црвено-црните“ во првите две кола покажаа дека можат да се носат со најдобрите, но останаа без бодови. На гостувањето кај германскиот Мелсунген загубија со 31-33, додека во Скопје беа поразени од Нант со 32-33, иако до самиот финиш беа во игра за позитивен резултат.
Сега избраниците на Иван Чупиќ повторно ќе имаат домашен терен и голема поддршка од трибините, а целта е конечно да биде освоен првиот бодовен плен во елитното европско натпреварување. Пред натпреварот, Чупиќ посочи дека Вардар го очекува исклучително квалитетен противник, но верува дека атмосферата во „Јане Сандански“ може да биде еден од факторите што ќе го одведат неговиот тим до првата победа.
„Висла е меѓу десетте најдобри екипи во Европа, тим кој долго време игра заедно и одлично се познава. Веруваме дека со добра енергија и полна сала можеме да дојдеме до позитивен резултат и првите бодови“, изјави тренерот на Вардар.
Хрватскиот стратег посебно предупреди на одбраната на полскиот тим, која според него е меѓу најдобрите, ако не и најдобрата во Лигата на шампионите. Токму затоа Вардар ќе мора да одигра исклучително квалитетно во нападот, но Чупиќ нагласи дека ниту одбранбениот дел не смее да биде потценет.
„Ако морам да изберам еден сегмент кој може да го реши натпреварот, тоа ќе биде нашиот напад. Но, без добра одбрана, сè е залудно“, порача Чупиќ.
Добра вест за Вардар е што во однот на претходните два меча во Лигата на шампионите, во тимот се враќаат Лазаревски, Педро и Стојановски, додека Бомаштар сè уште е надвор од стројот поради повреда.
Од другата страна, Висла Плоцк пристигнува во Скопје со една победа и еден пораз. Полскиот тим на стартот славеше над Мелсунген со 25-24, а потоа загуби минимално на гостувањето кај Нант со 25-26. Историјата на меѓусебните дуели носи дополнителна тежина. Двата тима досега се сретнале шестпати во европските натпреварувања, а Вардар има позитивен биланс. Последниот меѓусебен натпревар се одигра во март 2018 година и заврши без победник, 31-31.
Висла во Скопје доаѓа во одлична форма и во домашното првенство, каде има пет победи од исто толку натпревари, исто како и Вардар во македонскиот шампионат. Натпреварот во „Јане Сандански“ започнува во 20:45 часот.