И Мбапе е разочаран од Реал, можно е да си замине
Според информациите што ги објавуваат шпански извори, Мбапе е разочаран од односот на клубот кон него, а наводно веќе донел одлука да ја напушти „Сантијаго Бернабеу“ во летото 2027 година.
Дополнителен повод за незадоволство е и односот на Реал кон неговата кандидатура за „Златната топка“. Новинарот Хавиер Тинто, кој е близок до клубот, откри дека Мбапе побарал од раководството да започне кампања во негова поддршка пред доделувањето на престижната награда, но клубот не презел конкретни активности. Во меѓувреме, нови тврдења дополнително ги засилија шпекулациите за можна разделба. Шпанскиот новинар Франсоа Гајардо објави дека Мбапе е „бесен и разочаран“ од Реал и дека неговата намера е следното лето да замине во Премиер лигата.
Најголем интерес, според истите информации, покажува Ливерпул. Наводно, клубот од „Енфилд“ веќе стапил во контакт со Фаиза Ламари, мајката и агент на францускиот репрезентативец. Сепак, евентуалниот трансфер нема да биде едноставен. Мбапе има договор со Реал Мадрид до 30 јуни 2029 година, па „кралевите“ би можеле да бараат огромно отштета за неговото заминување.
Мбапе во Реал пристигна од Пари Сен Жермен во 2024 година, но во периодот оттогаш мадридскиот клуб не успеа да освои голем трофеј. Токму тоа дополнително ја отвори дебатата околу неговата иднина и односот со клубот. Доколку информациите се потврдат, фудбалскиот свет во 2027 година би можел да биде сведок на еден од најголемите трансфери во историјата.
Неодамна излегоа информации дека и во Реал се разочарани од однесувањето на Мбапе кој откако ја напушти француската репрезентација поради повреда не се врати во клубот, туку замина во Швајцарија со својата девојка.