Нов проблем за Инфантино: Прикрил скандал за да спречи исфрлање на репрезентација од СП?!

ФИФА се соочува со обвинувања дека прикрила неправилности поврзани со правото на настап на еден репрезентативец на Конго, со цел да избегне исфрлање на оваа земја од овогодинешното Светско првенство.

Случајот доаѓа по контроверзите околу американскиот напаѓач Фоларин Балогун, а во центарот на новите обвинувања повторно се најде претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. За случајот пишуваа „Њујорк тајмс“ и „Ле Монд“, повикувајќи се на интерни документи и кореспонденција на ФИФА.

Според медиумските извештаи, правните експерти на ФИФА во текот на истрагата утврдиле дека документацијата за промена на спортското државјанство на голманот Лионел Мпаси не била целосна. Мпаси претходно настапуваше за младинските селекции на Франција.

Наводно, светската фудбалска организација разгледувала повеќе опции, од парична казна до исфрлање на Конго од дополнителните квалификации, но на крајот не презела ништо.

Истрагата ја поттикнала жалбата на Фудбалската федерација на Нигерија, но ФИФА ја одбила од формални причини. ДР Конго во дополнителните квалификации влезе со победа токму против Нигерија, а пласманот на Светското првенство го потврди со победата над Јамајка. Мпаси бранеше на сите натпревари, сè до поразот од Англија во осминафиналето.

„Њујорк тајмс“ во целиот случај ја истакнува можната поврзаност меѓу Инфантино и актуелниот претседател на Фудбалската федерација на Конго, Верон Мосенго-Омба. Весникот го опишува како близок соработник на челникот на ФИФА, а својата кандидатура за прв човек на федерацијата ја подготвувал токму во периодот кога траела истрагата.

Тој беше избран откако репрезентацијата обезбеди пласман на турнирот во САД, Мексико и Канада.