Гогов: Против Висла да одиграме одбрана како со Охрид!

Вардар в четврток го очекува нов предизвик во ракометната Лига на шампионите, откако во Скопје ќе ја пречека Висла Плоцк во рамките на третото коло.

Двократниот европски шампион во првите две кола забележа два тесни порази, па „црвено-црните“ во дуелот со полскиот тим ќе атакуваат на првата победа и првите бодови во новата сезона.

Голманот Васил Гогов пред натпреварот истакна дека Вардар го очекува тежок дуел, но атмосферата во екипата е добра, а поддршката од трибините може да биде важен фактор за конечниот исход.

„Не очекува тежок меч против силен противник. Се надевам на добар резултат. Имаме добра атмосфера во екипата и ќе дадеме сè од себе пред полна сала да се израдуваме на првите бодови во Лигата на шампионите. Се надевам дека ќе успееме да одиграме квалитетна одбрана, како на мечот со Охрид“, изјави Гогов.

Натпреварот македонскиот шампион го игра во терминот од 20:45 часот.