Хаос во Пекинг: Медведев дисквалификуван, Ѓоковиќ во финале (ВИДЕО)

Новак Ѓоковиќ обезбеди пласман во финалето на АТП-турнирот во Пекинг, но начинот на кој стигна до завршниот меч беше навистина неверојатен.

Српскиот тенисер имаше предност од 7-5, 5-3 со брејк во полуфиналето против Данил Медведев, кога мечот доби целосно неочекуван крај. Рускиот тенисер беше дисквалификуван откако со удар погоди гледач во пределот на окото.

Медведев претходно побара медицински тајм-аут поради проблеми со рамото, а по продолжението на мечот успеа да направи рибрејк. Сепак, при резултат 4-3 во вториот сет, ситуацијата целосно се промени. Во еден момент Медведев удри топка кон трибините, при што таа погоди гледач. Судијата веднаш ја прекина играта, а по консултациите беше донесена одлука рускиот тенисер да биде дисквалификуван.

 

 

Така Ѓоковиќ, кој веќе го имаше освоено првиот сет со 7-5, без борба го доби и вториот и се пласираше во финалето.

Ова беше нивен 16. меѓусебен дуел. Пред мечот Ѓоковиќ водеше со 10-5, а последниот нивен дуел беше финалето на Ју-Ес Опен во 2023 година, кога Србинот славеше и стигна до својата 24. гренд слем титула. Ѓоковиќ во Пекинг продолжува да испишува историја. Со победата над Медведев стигна до 33. последователна победа на турнирот и останува непоразен во кинеската престолнина.