Звучи чудно, ама Македонија не е најслаба во Б-Лигата на нации!
Синоќа беше комплетирано третото коло од ова натпреварување, а ако се погледне целокупната ситуација во второто ниво, Романија има уште полош учинок.
По три одиграни натпревари, Романија исто така има три пораз, прво загуби со 1-2 од Шведска, потоа со 2-4 од Босна и Херцеговина, а во третото коло доживеа вистински дебакл – Полска ја декласираше со 6-0. Така, Романците имаат нула бода и гол-разлика 3-12, односно минус девет.
Македонија, од друга страна, исто така е без бодови, но не е со толку лоша гол-разлика: 0-3 од Швајцарија, 0-2 од Словенија и 0-2 од Шкотска. Гол-разликата е 0-7, односно минус седум.
Токму тука е и главната разлика. Македонија е последна во групата Б1, каде што Швајцарија е лидер со девет бода, а Словенија и Шкотска имаат по четири. Романија, пак, е последна во Б4 и е единствената репрезентација во целата Лига Б која по три кола нема освоено ниту бод и има гол-разлика полоша од македонската.
Сепак, ова е слаба утеха за нашиот национален тим, пред се поради тоа што безмалку 11 месеци македонските фудбалери немаат постигнат гол, а ги очекува и гостување во Швајцарија во вторник. Освен тоа, двете најлоши репрезентации во Лигата Б испаѓаат во понизок ранг, а Грузија и Израел досега имаат по еден освоен бод. Интересно е тоа што покрај Македонија, без постигнат гол е и Грузија, но Кварацкелија и компанија барем имааат едно реми, против Украина.