Ирска и Израел ја продолжија војната - сега на прес конференција (ВИДЕО)
Селекторот на Ирска, Хајмир Халгримсон, одговараше на прашања на новинарите кога ситуацијата нагло се вжешти по прашања од израелски медиумски претставници. Еден од нив побара од тренерот да коментира наводни политички ставови и настан поврзан со лет од Дубаи кон Израел, по што прес-службата на ирската репрезентација го прекина прашањето и порача дека конференцијата треба да биде посветена на фудбалот.
Набргу потоа следеше уште посериозна расправија. Израелски новинар го праша Халгримсон за тврдења дека ирски фудбалери за време на претходниот натпревар ги навредувале израелските репрезентативци со расистички навреди. Ирскиот претставник за односи со јавноста веднаш ја отфрли ваквата информација како целосно невистинита, по што дојде до вербална расправија меѓу двете страни. Прес-конференцијата беше прекината, а ирската делегација ја напушти просторијата.
Халгримсон подоцна, во разговор со ирските новинари, случувањата ги опиша како вербален напад. Селекторот истакна дека неговиот тим се обидува да остане фокусиран исклучиво на фудбалот и покрај огромниот притисок што го носи целиот натпревар. Ирска и Израел повторно ќе се соочат во недела од 20:45 часот во Бачка Топола. Ирците номинално се домаќини, но натпреварот се игра во Србија поради безбедносни и оперативни причини.
Во првиот меѓусебен натпревар Ирска славеше со убедливи 3-0, што дополнително ја зголеми напнатоста околу вториот дуел. Ирска во пресрет на реваншот има четири бода, додека Израел е на еден. Со оглед на случувањата во последните денови, вниманието пред натпреварот повторно не е насочено само кон теренот. Прекинатата прес-конференција е нов показател за високото ниво на тензии што го следи овој двомеч.