Фергусон се потсети на враќањето на „Олд Трафорд“: Бев преплашен...

Легендарниот поранешен тренер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон откри дека бил преплашен пред да се врати на „Олд Трафорд“, неколку месеци откако во мај 2018 година доживеа мозочно крварење.

Најтрофејниот тренер во историјата на клубот тогаш итно беше опериран и сместен на интензивна нега, а сега призна дека се плашел дека би можел да го изгуби помнењето и способноста да зборува, додека враќањето во ложата на стадионот на Јунајтедм му донело многу емоции.

Шкотланѓанецот присуствуваше на ремито меѓу Јунајтед и Вулверхемптон (1-1), помалку од четири месеци по излегувањето од болницата.

„Бев преплашен. Би сакал да можам да кажам дека бев опуштен, но не бев. Не знаев каква ќе биде реакцијата. Потоа ме најавија и следуваше громогласен аплауз. Сопругата беше со мене и за малку ќе заплачеше. Кога седнавме, ми рече: ‘Ова е фантастично’. Тоа е една од оние работи што ја покажуваат великодушноста на нашите навивачи и нивната почит кон времето што го поминав во клубот“, изјави Фергусон.

Фергусон, кој денес има 84 години, и понатаму е редовен гостин на натпреварите на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“, а истакна дека, и покрај сè што поминал, се чувствува добро.

„Се чувствувам прилично добро и покрај помалите повреди“, наведе Шкотланѓанецот.

Тој повторно зборуваше и за тешкиот период непосредно по операцијата, кога ја изгубил способноста за говор.

„Го изгубив гласот, не можев да зборувам. Тоа беше застрашувачки момент. Се сеќавам дека внуците дојдоа да ме посетат, а јас не можев да зборувам. Потоа ми донесоа терапевтка, која почна да ми дава вежби, како на пример да ги запишувам имињата на птици, животни и реки. Така ми се врати гласот“, раскажа Фергусон