Седлоски: Критиките нека бидат за мене, не за момците - против Шкотска нема да се браниме!
Селекторот Гоце Седлоски на денешната прес-конференција порача дека тимот е подготвен да се надигрува. И покрај резултатската криза, предводникот на „жолто-црвените“ застана во цврста одбрана на своите фудбалери, потенцирајќи дека националниот тим се наоѓа во транзициски период кој бара трпение и доверба.
„Атмосферата е добра. Имавме два порази, но овие дечки заслужуваат поддршка. Имаме процес на подмладување и нема да запреме во тој процес. Треба да се издржи, играме со силни репрезентации во Лига Б и кога доаѓав знаев со какви репрезентации ќе се соочиме. Претходно игравме во Лига Ц, па имаше натпревари во кои се мачевме. Тука сум да работиме и верувам дека ќе ја направиме Македонија среќна. Критиките нека одат кај мене, а јас по договор со федерацијата ќе подмладувам. Сакаме да создадеме нови играчи и на тој процес останувам до крај“, истакна Седлоски.
Анализирајќи го противникот, селекторот најави храбар пристап, свесен за карактеристиките на шкотскиот состав и потребата Македонија да ја контролира играта.
„Ние не се браниме и нема да се браниме и утре против Шкотска. Ќе играме фудбал, но противниците се тие кои не ни даваат многу простор. Од она што го гледавме за Шкотска, тие се многу физички силни и агресивни. Ние мораме да играме наш фудбал, а ако не ги спречиме тие долги топки ќе имаме проблем. Не смееме да го прифатиме нивниот стил на игра, туку да го наметнеме нашиот“, заклучи македонскиот стратег.
Натпреварот помеѓу Македонија и Шкотска се игра в сабота со почеток од 20:45 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Главен судија на овој дуел ќе биде Франсоа Летексје од Франција.