„Алиоски се враќа во тимот, Барди останува наш неприкосновен лидер и капитен!“

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, излезе со охрабрувачки вести за состојбата на тимот во пресрет на утрешниот дуел против Шкотска во рамките на Лигата на нации.

Предводникот на „жолто-црвените“ потврди дека здравствениот билтен е одличен и дека ја има потребната стабилност во соблекувалната пред претстојните два натпревари. Најголемото засилување за националниот тим е враќањето на Езѓан Алиоски, чие присуство се очекува да донесе дополнителна пробивност и енергија по левата страна.

„Алиоски се враќа на терените, сите се подготвени и нема да повикувам нови фудбалери за овие два натпревари“, истакна Седлоски, расчистувајќи ги дилемите околу евентуални дополнителни повици поради повреди или замор.

Покрај потврдата за комплетниот ростер, селекторот ја искористи приликата јавно да му даде целосна поддршка на Енис Барди, ставајќи крај на било какви дебати околу лидерството на теренот.

„Барди е наш лидер и капитен и така ќе остане“, беше дециден Седлоски.

Македонија досега двапати загуби и тоа дома против Швајцарија (0-3) и на гости кај Словенија (0-2), а покрај утрешната пресметка со Островјаните ќе ги одмериме силите уште еднаш против Швајцарците и тоа во вторник на нивни терен.