Почнува 17. сезона на Бизнис Лигата со рекорден број од 27 компании во трка за титулата

Со рекордно учество на 27 компании, Бизнис Лигата на Македонија ја започнува својата 17-та последователна сезона, потврдувајќи го својот статус на едно од најелитните и најпопуларните аматерски натпреварувања во мал фудбал во земјава.

Почетокот на новата сезона, закажан за 5 октомври, беше официјално најавен на прес-конференција, на која беа презентирани екипите, натпреварувачкиот систем и распоредот на натпреварите за претстојниот есенски дел од првенството.

Оваа натпреварувачка сезона (2026/2027), 27-те пријавени компании се поделени во две групи:

Група А: Лукоил, Алкалоид, ЕЛЕМ, Стопанска Банка, ЕВН, Окта, Халк Банка, Аџибадем Систина, Атлантик Груп, Тиквеш, НЛБ Банка, ЈСП, Македонија Осигурување и Т-Арена – Борис Трајковски.

Група Б: Матрикс, Сигал Иншуренс Груп, Нетцетера, Ван Хоол, ТАВ, Макстил, LC Waikiki, Алма М, А1, AXM 365, Пожарна, Гранит и Нелт.

Според пропозициите, по завршувањето на групната фаза, најдобрите екипи од двете групи ќе обезбедат пласман на завршниот турнир, каде што ќе се води битката за шампионскиот пехар. Проект-менаџерите на Бизнис Лигата, Младен Ѓуроски и Филип Николовски, заедно со комесарот на лигата Марјан Казаковски, се обратија пред присутните и им посакаа успешна сезона на сите учесници. Тие апелираа на фер-плеј, добра игра и пред сè – одлично дружење и забава, со традиционалната порака дека и оваа година ќе победи подобриот.

Директорот на „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, го истакна задоволството од континуираната соработка со Бизнис Лигата, која традиционално се одржува во оваа спортска сала. За освежување на натпреварувачите и придонес кон позитивната атмосфера, и оваа сезона официјален партнер на лигата останува „Горска“.

Со стартот на својата 17. сезона, Бизнис Лигата на Македонија продолжува да ја гради својата препознатлива приказна – успешно поврзувајќи ги бизнис секторот, тимскиот дух и спортот, и создавајќи простор каде вработените од компаниите можат да го заменат деловното секојдневие со спортско натпреварување на терен.