Селекторот на Бугарија си поднесе оставка по очајниот старт на Лигата на нации!
Бугарскиот национален тим ја разочара домашната јавност откако на двата меча на свој терен во Пловдив успеа да освои само еден бод. Низата започна со шокантен пораз од Луксембург (1-2), а чашата ја прели бледото реми без голови против селекцијата на Естонија, по што Димитров веднаш реши да ја напушти функцијата. Незадоволен од прикажаната игра и неможноста фудбалерите да го спроведат договорениот тактички план на теренот, доскорешниот селектор ја презеде одговорноста и отворено проговори за проблемите на релација тренер-играчи.
„Одигравме многу хаотично. Мојот план не беше спроведен, а во нападот не успеавме да создадеме притисок. Тоа значи дека ја загубив довербата кај играчите. Со ваква игра и вакво издание јас завршувам. Му благодарим на Фудбалскиот сојуз за укажаната можност“, изјави Димитров.
Тој ја предводеше Бугарија на вкупно десет натпревари, остварувајќи скромен биланс од три победи, две ремија и пет порази. Фудбалскиот сојуз на Бугарија сега се наоѓа под огромен притисок експресно да пронајде ново тренерско име, бидејќи репрезентацијата ја очекуваат две тешки гостувања во краток временски период - в сабота тимот гостува кај Исланд, а само три дена подоцна следува нов дуел против луксембуршката селекција на гостински терен.