Рустемовски награден за бронзата на ЕП - две просечни плати во следните 48 месеци!

Maкедонскиот боксер, Ален Рустемовски по освоениот бронзен медал на Европското првенство во Софија денеска беше на прием кај Министерот за Спорт, Борко Ристовски, а исто така доби и голема поддршка од државата.

Рустемовски за постигнатиот успех и промоцијата на Македонија се стекна со статустот „Спортист од светска категорија“ со што во наредните четири години ќе добива по две просечни плати.

Бронзениот медал на Европското првенство не беше единствен успех во последниот период на Рустемовски, тој исто така стигна до бронзата на Медитеранските игри во Таранто.

„ Ален, честитки за историскиот успех! Македонија верува во тебе и ќе продолжи да стои зад тебе на патот кон нови европски, светски и олимписки предизвици“, порача Ристовски преку социјалните мрежи.

Медалот од Европското првенство кој го освои Рустемовски е прв за Македонија по 2008 година кога Велин Мумин дојде исто така до бронза во Ливерпул.