Синер повторно заврши в болница - можна е и операција
Најдобриот тенисер во светот синоќа присуствувал на модната ревија на „Гучи“ во Милано, по што веднаш заминал на клиниката „Ла Мадонина“ за дополнителни прегледи на десното колено.
Синер последен пат играше на Вимблдон, по што направи пауза поради проблемите со коленото. Поради повредата ги пропушти турнирите во Северна Америка, а неодамна се откажа и од настапот во Пекинг. Италијанецот се обидува проблемот да го реши со конзервативен пристап, односно со одмор, физиотерапија и дополнителна работа на мускулатурата околу колковите и глутеусите. Сепак, доколку ваквиот третман не даде резултат, не е исклучена ниту хируршка интервенција.
Иако операцијата се наведува како крајно сценарио и шансите за неа се сметаат за мали, ситуацијата е доволно сериозна за Синер повторно да биде под лекарски надзор. Според последните информации, неизвесен е и неговиот настап на Мастерсот во Шангај, кој е закажан од 7 до 18 октомври.
Синер во меѓувреме го загуби и планираниот настап во Пекинг, каде требаше да ја брани титулата, а неговото подолго отсуство отвора простор за промени на врвот на АТП-листата, односно губење на првото место.