Скандал во Сингапур: Русинка мораше да го предаде полуфиналето, ВТА не ѝ дозволи да игра
Прозорова вчера настапи и во сингл и во двојки, а во четвртфиналето на двојки беше погодена со топче во пределот на лицето. Таа и нејзината партнерка Софја Лансере потоа го предадоа мечот, по што руската тенисерка била прегледана од медицинскиот тим.
Иако Прозорова инсистирала дека се чувствува добро и сака да игра во полуфиналето, ВТА физиотерапевтот проценил дека мора да помине дополнителни тестови. Русинката подоцна се пожали дека не знаела дека може да одбие дел од тестирањето.
„Не ми беше лесно, бидејќи претходно бев на терен повеќе од три часа. Бев уморна и некои тестови ги направив лошо. На пример, стоење на една нога со затворени очи. Тоа не можам да го направам добро ни кога сум одморена“, објаснила Прозорова.
Според неа, физиотерапевтот заклучил дека не е подготвена да донесува одлуки поврзани со сопственото здравје и ѝ препорачал најмалку шест дена одмор. Тоа би значело и дека нејзиниот настап на турнирот во Пекинг следната недела е сериозно доведен во прашање.
„Организаторите сакаа да играм полуфинале, но од ВТА не ми дозволија. Ми ја уништија неделата од соништата“, порача 22-годишната Русинка.
Прозорова во Сингапур стигна до најдобриот резултат во кариерата, а во четвртфиналето во сингл ја совлада Кинезинката Ванг Синју по три часа игра. Претходно во три сета ги победи и Александра Еала и Софија Костулас. По нејзиното повлекување, Австралијката Талија Гибсон без борба се пласираше во финалето.
Од ВТА, пак, објаснија дека Прозорова била прегледана од медицинскиот тим на турнирот и од турнирски лекар и дека според протоколот за потрес на мозок, тенисерка на која ќе ѝ биде дијагностициран потрес не смее да продолжи со натпреварување додека не го заврши задолжителниот процес на постепено враќање и не добие медицинско одобрение.