Кари потпиша нов договор и испиша историја во НБА - ги скокна Дурент и Леброн!

Стеф Кари потпиша нова соработка со Голден Стејт Вориорс вредна 116 милиони долари, а со новиот договор стана најплатениот играч во историјата на НБА кога станува збор за заработката од договори на теренот.

Според податоците на „ЕСПН“, вкупната заработка на Кари од НБА договори сега изнесува околу 652 милиони долари, со што ги надмина Кевин Дурент, кој е на 598 милиони и Леброн Џејмс со 592 милиони долари.

Според наводите на Шемс Чарани, Кари прифатил и намалување на заработката од околу 20 милиони долари за Вориорс да имаат поголема финансиска флексибилност пред летото 2027 година. Голден Стејт наводно му понудил неколку различни можности: од максимален договор, преку договор со помала плата за тимот да има повеќе простор за ангажирање играчи, до опција да почека до почетокот на сезоната или следното лето.

Искусниот плејмејкер одлучил да ја прифати финансиски помалку профитабилната опција и дел од просторот да му го остави на клубот за потенцијални засилувања.

Според проценките на тамошните медиуми, Вориорс следното лето би можеле да имаат дури 64 милиони долари простор во селери-капот, што ќе им отвори можност за значајни засилувања околу Кари. Кари, кој има 38 години, целата своја НБА кариера ја помина во дресот на Голден Стејт Вориорс.

Со клубот освои четири шампионски титули, а двапати беше прогласуван за најкорисен играч на регуларниот дел од сезоната. Еднаш го освои и признанието за МВП во финалето.