Грег Попович ги шокира сите - се ожени со поранешната сопруга на својот асистент и пријател на Антиќ
Попович стапил во брак со Мери Барт Бaденхолцер, поранешната сопруга на Мајк Баденхолцер, кој речиси две децении беше дел од неговиот стручен штаб во Сан Антонио Спарс.
Според документот, Попович и Мери се венчале на 16 септември во Тексас. Нивната врска претходно не беше официјално објавена во јавноста, иако двајцата беа забележани заедно на натпревари на Спарс во текот на минатата сезона. Интересно е што Мајк Баденхолцер беше еден од најблиските соработници на Попович во неговата тренерска кариера. Тој беше дел од стручниот штаб на Спарс од 1996 до 2013 година, постепено напредувајќи од видео-координатор до еден од главните асистенти.
За време на неговиот престој во Сан Антонио, Баденхолцер беше дел од тимот кој освои четири шампионски титули во НБА. Во 2013 година го напушти клубот и ја започна својата кариера како главен тренер, прво во Атланта, а подоцна работеше и во Милвоки и Феникс. Мајк и Мери Баденхолцер се развеле во 2016 година. Од нивниот брак имаат четири деца.
За Попович ова е втор брак. Неговата прва сопруга Ерин почина во 2018 година по подолга болест. Двајцата беа во брак повеќе од четири децении и имаа две деца. Попович, кој има 81 година, во 2025 ја заврши својата легендарна тренерска кариера по 29 сезони на клупата на Сан Антонио, а денес ја извршува функцијата претседател на кошаркарските операции во клубот. Во текот на кариерата освои пет шампионски титули и стана тренер со најмногу победи во историјата на НБА.
Што се однесува до Мајк Баденхолцер, тој му беше тренер на Перо Антиќ во Атланта Хоукс, а по заминувањето од НБА двајцата останаа блиски пријатели.