Најголема сензација во историјата: Финска го елиминира светскиот шампион
Италија имаше огромна поддршка од трибините во преполната „Палавела“ во Торино, но не успеа да го искористи домашниот терен. Пред повеќе од 8.000 гледачи, „аѕурите“ започнаа добро и го добија првиот сет со 25-21.
Финска, сепак, покажа карактер во продолжението. Во вториот сет следуваше драматична завршница во која гостите го искористија вториот сет-поен и со 28-26 израмнија на 1-1. Во третиот сет Финците целосно ја презедоа контролата. Поведоа со 10-3, а Италија не успеа да најде одговор на одличниот сервис и играта во одбрана на противникот. Финска го освои сетот со убедливи 25-16 и дојде на чекор до едно од најголемите изненадувања на шампионатот.
Италијанците не се предадоа. Во четвртиот сет поведоа со 9-6, Финска израмни на 11-11, но домаќинот во завршницата одигра многу подобро и со 25-20 го однесе мечот во тај-брејк. Во решавачкиот сет Италија водеше со 5-2, а подоцна и со 8-5, но Финска направи голем пресврт. При 13-12 стигна до првата меч-топка, Италија израмни на 13-13, но Финците ги освоија следните два поена и со 15-13 го заверија пласманот во полуфиналето.
За Финска ова е само второ полуфинале во историјата на Европските првенства. Следен противник ќе биде Франција, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Словенија и Полска. Завршницата ќе се игра во Милано. Италија, пак, како домаќин остана без место меѓу четирите најдобри и покрај тоа што амбициите на ова првенство беа шампионски.