Елези предупредува: Швајцарија не простува грешки - мораме да бидеме совршени!

Секој погрешен чекор може да биде кобен, е пораката која македонскиот репрезентативец Агон Елези ја испрати по првиот тренинг на националниот тим во пресрет на серијата мечеви од стартот на Лигата на нации.

Фудбалерот кој игра во извонредна форма за екипата на Сараево, смета дека претстојниот циклус во Б-дивизијата од Лигата на нации не смее да трпи импровизации. Иако Македонија ја очекуваат дури четири исцрпувачки пресметки со Швајцарија (двапати), Словенија и Шкотска, за Елези во моментов постои само еден единствен фокус – премиерниот дуел против Швајцарците, кој ќе се одигра в сабота на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 20.45 часот.

„Вистина е дека нè очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден, тој во сабота. Сите ги знаеме нивните квалитети и ние мораме да се фокусираме само на себе, да не правиме грешки, затоа што секоја наша грешка може многу да нè чини. Швајцарија покажа на Мундијалот дека е во сериозна форма и дека има сериозни квалитети во секој поединец“, истакна Елези, ставајќи огромен акцент на дисциплината која ќе биде пресудна за позитивен резултат.

Тој потенцираше дека е вистинска привилегија повторно да се дели соблекувалната со оваа „фантастична група“, откривајќи дека тимот извлекол огромни поуки од изминатиот период. Според него, процесот на адаптација кон новите идеи на стручниот штаб и вклопувањето на новите имиња поминал одлично, што резултирало со создавање на моќна кохезија во екипата.

„Сметам дека ни донесоа многу и дека научивме многу. Најважно беше да направиме добра атмосфера меѓу нас, меѓу играчите, а тоа и се покажа. Имаме добра кохезија и сега само тоа треба да го пренесеме на теренот. Имаме доверба дека можеме да направиме позитивен резултат и така ќе влеземе во натпреварот“, заклучи репрезентативниот играч за врска.