Јамал освои сè со Барса и Шпанија, но Мбапе смета дека Златната топка е - негова!
Французинот, во интервју за РФИ, отворено зборуваше за своите очекувања, потенцирајќи дека неговите индивидуални достигнувања го прават главен кандидат за престижното признание.
„Чувствувам дека ова е добра година за мене. Би бил разочаран доколку не ја освојам Златната топка. Кога натпреварувачот не победува, тој е разочаран, а јас сум натпреварувач. Мојата индивидуална година беше сјајна. Бев најдобар стрелец во сите големи натпреварувања, а тоа е клучен критериум за Златната топка. Знам дека направив сè добро за да ја освојам и мирен сум додека ги чекам резултатите од изборот“, изјави Мбапе.
Во изборот за наградата, Французинот посебно им се обрати и на африканските гласачи, истакнувајќи ја својата длабока поврзаност со континентот, со оглед на тоа што е син на мајка Алжирка и татко Камерунец.
„Никогаш не сум ја изгубил врската со моите африкански корени. Роден сум во Европа, но ја сакам Африка и моето африканско потекло. Секој пат кога одам во Африка ја чувствувам љубовта на тамошните луѓе. Секогаш сум се чувствувал сакан на африканскиот континент. Се надевам дека ќе ја освојам Златната топка и ќе ѝ ја посветам на Африка“, порача тој.
И покрај тврдењата на Мбапе дека ова е индивидуална награда, неговиот главен ривал Јамал зад себе има далеку поуспешна екипна сезона. Младиот фудбалер ја освои Ла Лига со екипата на Барселона и стана светски првак со репрезентацијата на Шпанија, додека Мбапе екипно потфрли и со Реал Мадрид и со Франција.
Сепак, Французинот беше статистички подобар на индивидуален план бидејќи сезоната ја заврши како најдобар стрелец во Ла Лига со 25 голови, во Лигата на шампионите со 15 голови и на Светското првенство со 10 погодоци. Од друга страна, Јамал исто така има силни индивидуални аргументи бидејќи со 12 асистенции беше најдобар асистент во шпанското првенство, каде што постигна и 16 погодоци и официјално беше прогласен за најдобар играч во лигата.