Шок пред Лигата на нации: Чурлинов не смее да ја напушти Полска - Седлоски ќе мора без него!
Причина за неговото отсуство е административна процедура поврзана со неговиот престој и работниот статус во Полска, откако неговиот клуб Погон Шчечин доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребната работна документација. Чурлинов во моментов се наоѓа во Европската Унија подолг период без да ја напушти нејзината територија. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беше информирана за ситуацијата непосредно пред официјалниот репрезентативен собир, иако поканата до неговиот клуб била испратена пред три недели. Според информациите добиени од Полска, за комплетирање на целата постапка се потребни најмалку две недели, што во овој момент оневозможува Чурлинов да ја напушти Полска и да се приклучи на собирот без ризик за неговиот понатамошен статус.
„Согласно правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена. Во случај на негово напуштање на Европската Унија и доаѓање во Македонија, повторното враќање во државите од ЕУ би можело да биде отежнато, односно да биде предмет на соодветни санкции поради надминување на дозволениот период на престој без потребните документи“, се истакнува во појаснувањето за административната пречка.
ФФМ останува во постојана комуникација со сите инволвирани страни со цел процедурата да биде решена во најкраток можен рок. За случајот се информирани и Амбасадата на Македонија во Полска, како и Европската фудбалска унија (УЕФА), со цел да се изнајде соодветно решение во рамките на важечките прописи. Во меѓувреме, селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, дополнително ќе донесе одлука дали на местото на Чурлинов ќе повика друг фудбалер за претстојните натпревари.