Новата сезона почнува со спектакл: МЗТ и Куманово во битка за првиот трофеј!
Во битката за првиот трофеј силите ќе ги одмерат актуелниот освојувач на двојната круна, екипата на МЗТ Скопје и составот на Куманово, кој лани играше во финалето на Купот. Натпреварот е закажан за в сабота (26 септември) со почеток во 18 часот во спортската сала во Куманово, што е одлична шанса за кумановци пред својата публика да се обидат да го изненадат актуелниот шампион. За останатите љубители на кошарката е обезбеден директен телевизиски пренос на каналите на МРТ.
Суперкупот претставува главно загревање за новата сезона од домашното првенство, кое почнува во првиот викенд од октомври. Ќе се натпреваруваат десет екипи, а системот на натпреварување предвидува долга и неизвесна битка. Првиот дел по 18 кола ќе заврши на почетокот на март, по што најдобрите шест екипи ќе продолжат да разигруваат во Топ-6 фазата, додека останатите четири ќе играат во Плеј-аут сегментот за опстанок во елитата.

Возбудувањата во македонската кошарка ќе кулминираат со плејофот, чии полуфинални серии повторно ќе се играат до три победи, исто како и големото финале. Ако се играат максимален број натпревари тогаш новиот владетел на македонската кошарка ќе биде познат најдоцна до 11 јуни.
Завршниот турнир од Купот на Македонија, пак, ќе се одржи во периодот од 18 до 21 февруари со осум екипи. според пласманот по првите девет кола.