Јувентус удри по своите навивачи за срамното однесување за време на - минута молчење!

Фудбалскиот клуб Јувентус упати остри критики кон сопствените приврзаници кои ја нарушија минутата молчење во чест на поранешната ѕвезда на Италија и Интер, Сандро Мацола.

Легендарниот фудбалер, кој се смета за еден од најголемите во историјата на италијанскиот спорт, почина во петокот на 83-годишна возраст, поради што сите натпревари во Серија А овој викенд започнаа со оддавање почит. Инцидентот се случи во Торино пред неделниот натпревар меѓу Јувентус и Аталанта, кога дел од домашните навивачи го свртеа грбот кон теренот и почнаа да пеат песни посветени на легендите на нивниот клуб. Силното ривалство меѓу Интер и Јувентус беше причина за овој потег, но нивните скандирања набрзо беа замолчени од аплаузите на останатите приврзаници присутни на стадионот, вклучително и домашните и гостинските навивачи.

Раководството на Јувентус веднаш реагираше и се дистанцираше од однесувањето на оваа група фанови.

„Никакво ривалство не може да оправда недостаток на почит за време на минута молчење. Оддавањето почит и заедничкото сеќавање на оние кои си заминале е заедничка одговорност која ги надминува припадноста и клупските бои“, се вели во официјалното соопштение на Јувентус.

Поради овој скандал, Јувентус се соочува со ризик од парична казна или дури и затворање на трибината „Курва Суд“, секторот каде што се сместени ултрасите, на еден натпревар. Конечната одлука на Италијанската фудбалска федерација се очекува да биде донесена во текот на оваа недела.